Концерт на MAGNIFICO во Скопје!

  •  
  •  
  •  
  •  
  •   

Во петок, на 13-ти април*, едно од најинтригантните имиња на музичката  сцена во регионов, словенечкиот музичар Роберт Пешут Мањифико доаѓа во Скопје <https://www.facebook.com/events/168886267167246/> подготвен да приреди незаборавно концертно доживување за македонската публика. Неговиот концерт ќе се одржи *во клубот Станица 26*, со почеток во 20:30 часот, а за овој ексклузивен настан достапни се *само ограничен број билети* кои се продаваат преку продажната мрежа на MkTickets <http://mktickets.mk/en/nastan/magnifico-stanica-26/> и тоа по цена од *300 денари во претпродажба* (на врата: 400 денари).

Мањифико (Magnifico) со својата еклектична музика надополнета со препознатливиот хумор и иронија важи за една од најистакнатите музички фигури на просторот на поранешна Југославија. Својата музика тој ја опишува како ретро шик, со комбинација на балкан-диско шлагери и џез. Неговата музичка кариера која се протега низ повеќе од три децении, ја одбележуваат бројни огромни хитови коi го освоија целиот Балкан, а со 11-те објавени албуми и повеќе од 1000 концерти одржани досега тој изгради и успешна меѓународна кариера.

Тој воедно ја компонираше музиката за некои од најуспешните филмови во регионов, а негова најпозната соработка на ова поле е со српскиот актер, режисер и продуцент Драган Бјелогрлиќ. Автор е на музиката за филмовите „Монтевидео, Бог те видео!“ и „Монтевидео, видимо се!“, а за време на овие проекти Magnifico соработуваше и со шпанската дива Луз Касал. Исто така, автор е и на музиката за популарната серија „Сенки над Балканот“ во моментов актуелна и кај нас.

Покрај забавниот карактер, неговата музика е критички настроена кон различни општествени проблеми – стереотипи, предрасуди, ксенофобија и хомофобија се често теми во неговите стихови, кои во минатото предизвикаа и големи контроверзии.

Во 2016-та, Мањифико го објави албумот насловен „Charlatan de Balkan“, а ова остварување тој го претставува на актуелната регионална турнеја во чии рамки гостува и во Скопје.


  •  
  •  
  •  
  •  
  •