Инфо:

Просветно дело

Просветно дело АД е формирано на 16 април 1945 година, врз основа на Решението на Президиумот на АСНОМ, од 31 март 1945 година, со задача да печати и издава книги, списанија и публикации со научна, културна и уметничка содржина, како и учебници за основно и средно образование.

Првиот буквар на македонски јазик, а нешто подоцна и првиот правопис и првата граматика на македонски јазик, се изданија на Просветно дело. Просветно дело ги има издадено и првиот буквар на албански и на турски јазик. Со ова беа удрени темелите за афирмација на македонскиот литературен јазик. Определбата беше Просветно дело да се специјализира и да се усовршува, пред се, за издавање на учебници, лектири и списанија. Ако се свртиме наназад, ќе забележиме дека станува збор за илјадници испечатени наслови меѓу кои се Граматика на македонскиот литературен јазик, Тритомниот речник на македонскиот литертаурен јазик, Историја на македонскиот народ, Географија на Македонија итн.

Уште од 1995 година, Просветно дело ја започна својата трансформација со тоа што почна да работи во услови на пазарна економија. Во 2000 година, Просветно дело беше трансформирано во акционерско друштво.

Денес, Просветно дело е приватно претпријатие кое е современо конципирано, со многубројни соработници во земјата и надвор од неа. Воспоставена е соработка со реномирани европски и светски издавачки куќи на полето на копродукцијата и белетристиката (романите).

Во рамките на Просветно дело работи и Редакцијата Детска радост која е специјализирана за издавање на детски списанија и тинејџерска литература.

Со фирмата раководи генералниот директор, м-р Павле Петров.